Ayhan Şimşek
21 Февруари 2022•Ажурирај: 22 Февруари 2022
БРИСЕЛ
Германија ја повика Русија да престане да си игра со човечките животи и да се врати на преговарачката маса за наоѓање мирно решение на украинската криза, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обраќајќи им се на новинарите во Брисел, германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, изрази загриженост поради ескалацијата на тензиите во источна Украина, каде што последните денови е забележан сè поголем број прекршувања на примирјето.
„Руската Влада навистина си игра со човечките животи на окупираните територии, тоа е неодговорно. Упатувам итен апел до рускиот претседател - не си играјте со човечките животи! Она на што сведочевме во регионот во последните 72 часа, со напади, насилни судири, навистина е загрижувачки“, рече шефицата на германската дипломатија, повикувајќи се на извештаите за зголеменото гранатирање од областите Доњецк и Лугањск, што ги контролираат руските сепаратисти.
Баербок ја повика Москва да ги повлече заканите кон Украина и да се врати на преговарачката маса за да се најде дипломатско решение за тековната криза.
Москва повеќе пати негираше каков било план за инвазија на Украина и ги обвини западните земји дека ја поткопуваат безбедноста на Русија со ширењето на НАТО кон нејзините граници. Русија достави листа со безбедносни барања, вклучително и гаранции дека Украина и Грузија нема да се приклучат кон НАТО.