Ekip
18 Јануари 2017•Ажурирај: 19 Јануари 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Постепеното затоплување на Земјината површина и на најниските слоеви од атмосферата, глобалното затоплување, доведува до постепено намалување на идеалните сончеви денови, се тврди во најновото истражување на научниците за климатски промени, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во студијата објавена во списанието „Климатски промени“ (Climatic Change) се наведува дека до крајот на 21. век, Земјата ќе има во просек 10 дена со „идеална блага температура“.
Најмногу такви денови ќе изгубат Рио де Женеиро, Мајами и Африка, додека најповолно време ќе имаат Европјаните и Сиетл, во северозападниот дел на САД.
„Тоа ќе биде такво време коешто нема да биде претопло, ниту ладно, а ниту премногу влажно“, тврди главниот автор на студијата Карин ван ер Виел, метеоролог истражувач на Универзитетот „Принстон“ и на Националната океанска и атмосферска агенција.
Студијата наведува дека во изминатите три децении, светот во просек имал 74 идеални сончеви денови годишно. Научниците предвидуваат дека до 2035 година, бројот на такви денови ќе опадне на 70 а потоа на 64.
Идеалното сончево време подразбира температура меѓу 18 и 30 Целзиусови степени, со ниска стапка на влажност. Најмалку такви денови во иднина ќе има целиот афикански континент, источниот дел на Јужна Америка, Јужна Азија и северна Австралија.
„Ваквите промени во поглед на климата ќе бидат најпочувствувани во развиените делови на светот, населени од голема популација“, тврди Дер Виел.
Од друга страна, како што се наведува, најмногу сончеви денови ќе има во Англија и во земјите на северна Европа.
Научникот на Националниот центар за атмосферски истражувања Џералд Михл нагласи дека ваквите податоци нема да имаат економски, ниту здравствени последици, туку последици за туризмот и за генералното чувство на задоволство кај луѓето.