Seda Sevencan
13 Март 2020•Ажурирај: 14 Март 2020
ЕДРЕНЕ (АА) - Грција денес постави бетонски блокови од 1,5 метар на граничниот премин со Турција „Кастаниес“ со цел да го запре влезот на мигрантите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Грчките погранични сили фрлаат канистри со солзавец за да ги растераат мигрантите кои се обидоа да се приближат до граничниот премин.
Три канистри со солзавец паднаа во комплексот на жандармериската станица од турската страна на границата.
Во период од двете недели, колку што мигрантите чекаат на границата, од грчките сили, кои употребуваат непропорционална сила кон нив, ранети се речиси 2.500 мигранти.
Минатиот месец, Турција ги отвори границите кон Европа за мигрантите, обвинувајќи ја Европа поради неодржувањето на своите ветувања согласно договорот за бегалци склучен помеѓу Турција и ЕУ во 2016 година.
Анкара исто така предупреди дека поради континуираните напади врз цивилите во Идлиб, Сирија, милион бегалци се движат кон границите на Турција.
Турција веќе е домаќин на над 3,7 милиони мигранти од Сирија, повеќе од која било друга земја во светот. Анкара потенцира дека не може да прими уште еден бран бегалци.