Ekipa
09 Февруари 2025•Ажурирај: 10 Февруари 2025
САНТОРИНИ (АА) - Зголемената сеизмичка активност кај грчкиот остров Санторини, во Егејското Море, во последните недели предизвика голема паника кај жителите и посетителите, јавува Анадолу.
Над 11.000 луѓе го напуштија островот поради последователните земјотреси, додека властите почнаа да преземаат дополнителни безбедносни мерки за евентуален силен земјотрес.
Според официјалните претставници, во последните две недели регистрирани се повеќе земјотреси со магнитуда од 3,5 до 5,2 степени. Тоа предизвика вознемиреност кај жителите на Санторини и кај туристите.
Жителите, особено оние што живеат на брегот, одлучија да ги напуштат своите домови и да се преселат во внатрешноста или целосно да го напуштат Санторини поради безбедносни причини. Негативно се погодени и туристичките места на островот, кои се секогаш многу посетени.
- Спасувачките екипи на островот се подготвени -
Спасувачките тимови, кучиња за пребарување и спасување, како и дронови се испратени на Санторини во случај на итна состојба.
Екипите формираа логистички центар со поставување шатори на кошаркарското игралиште до болницата на островот.
Градоначалникот на Санторини, Никос Зорзос, изјави: „Ги максимизиравме нашите мерки. Ги преземаме сите неопходни чекори за да ја осигураме безбедноста на нашите жители и нашите власти ја следат ситуацијата од момент во момент“.
- Сеизмографи поставени на островот -
Дополнителни сеизмографи се инсталирани на различни точки на Санторини за подобро следење на земјотресите и предвремено идентификување на ризиците. Експертите се обидуваат детално да го анализираат изворот на потресите за да откријат дали тие се предзнак за евентуален силен земјотрес.
Од друга страна, луѓето кои живеат во крајбрежните области против ризикот од цунами преземаат мерки за минимизирање на можните ефекти од брановите со поставување вреќи со песок пред куќите и црквите.
Властите ја предупредија јавноста да ги следи официјалните соопштенија без паника и да не се потпира на неверодостојни гласини.