Betül Yürük
22 Март 2022•Ажурирај: 23 Март 2022
ЊУЈОРК (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, истакна дека војната што Русија ја започна против Украина пред еден месец „не може да се добие“, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Порано или подоцна ќе биде потребно да се премине од бојно поле на преговарачка маса. Тоа е неизбежно. Прашање е само уште колку животи мора да бидат изгубени и колку бомби мора да паднат“, изјави Гутереш пред новинарите во седиштето на ОН во Њујорк.
Тој истакна дека од почетокот на војната на 24 февруари забележани се страшни страдања и уништувања, додавајќи дека цивилите „се тероризираат со систематско бомбардирање“.
„Дури и да падне Мариупол, Украина не може да биде освоена град по град, улица по улица, куќа по куќа. Оваа војна не може да се добие“, рече Гутереш.
Тој нагласи дека продолжението на војната е морално неприфатливо, политички неодржливо и во воена смисла „глупост“.
„Време е да се запре војната и да му се пружи шанса на мирот. Оваа ужасна и глупа војна мора да запре“, рече Гутереш.
Војната на Русија и Украина, што започна со рускиот напад на 24 февруари, предизвика меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва и поттикна истапување на глобалните фирми од Русија.
Најмалку 925 цивили се убиени, а околу 1.500 се ранети во Украина од почетокот на војната. Во исто време, повеќе од 3,5 милиони луѓе избегале во соседните земји, според проценките на Обединетите нации.