Mustafa Keleş
29 Август 2017•Ажурирај: 29 Август 2017
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, соопшти дека е длабоко загрижен поради убивањето на цивилите во текот на „операцијата за безбедност“, спроведувана од страна на армијата на Мјанмар, јавува Anadolu Agency (AA).
Во својата изјава, Гутереш, генералниот секретар на ОН, потсети дека ги осудува и последните напади врз безбедносните сили, на 25 август во Мјанмар, како и операциите што безбедносите сили ги започнаа по овие напади.
Генералниот секретар Гутереш истакна дека проблемите што лежат во основата на овие насилни настани треба да се решават, и додаде дека Владата на Мјанмар е одговорна да им помогне и да обезбеди сигурност за сите.
Тој истакна дека во потполност ги поддржува предлозите на поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, дадени во извештајот што тој го подготви, барајќи од Владата на Мјанмар на ефикасен начин да ги спроведе дадените предлози.
- Повик до Бангладеш
Генералниот секретар Гутереш упати повик и до Бангладеш, „земја којашто десетици години е домаќин и прибежиште за бегалците од Мјанмар“, барајќи од Бангладеш да продолжи да им дозволува азил на бегалците Рохинџа.
Истовремено, Гутереш побара на вработените од институциите за хуманитарна помош да им се дозволи влез во подрачјата зафатени од насилствата, соопштувајќи дека притоа ОН се подготвени да им ја дадат сета потребна поддршка на Мјанмар и на Бангладеш.
Во октомври минатата година, по извршените напади врз полициски контролни точки во државата Аракан, во кои животот го загубија деветмина полицајци, армијата на Мјанмар започна операции во коишто муслиманското малцинско население во земјата беше жртва на голем бран насилства.
Во операциите, повеќе од 90.000 аракански муслимани беа принудени да ги напуштат своите домови. Претставниците на малцинството Рохинџа информираат дека во операциите што ги спроведува армијата, животот го загубиле стотици лица.
Сличен напад на полициски станици беше извршен на 25 август оваа година, по што безбедносните сили на Мјанмар започнаа нова операција насочена против муслиманите, во којашто животот го загубија многу цивили, а голем број ги напуштија своите домови.