Handan Kazancı
04 Април 2022•Ажурирај: 05 Април 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш вчера повика на независна истрага за убиството на најмалку 410 цивили во украинскиот град Буча, во близина на Киев, по повлекувањето на руските војници, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Длабоко сум шокиран од глетката на цивили убиени во Буча, Украина. Од суштинско значење е независната истрага да доведе до ефективна одговорност“, напиша Гутереш на социјалната мрежа Твитер.
Украинската државна обвинителка Ирина Венедиктова вчера соопшти дека телата на 410 цивили се пронајдени во областа на градот Буча, во близина на Киев.
Украина ја обвини Русија за „геноцид“, тврдејќи дека пронашла тела на стотици цивили во околината на Киев, територии кои деновиве ги вратила под своја контрола.
Вчера руското Министерство за одбрана негираше дека нејзините војници убиле цивили додека се повлекувале од градовите во близина на Киев.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги повика меѓународните организации што поскоро да испратат експерти во земјата за да соберат докази за воени злосторства извршени од руските војници.
Михаил Подољак, заменик-шеф на Кабинетот на претседателот на Украина, во саботата објави дека убиените цивили со врзани раце зад грб биле пронајдени во градот Буча, кој го стави под контрола украинската армија.
Министерството за одбрана на Украина соопшти дека во Буча се случила „нова Сребреница“.
Меѓународните хуманитарни организации бараат пристап до Буча и другите градови каде што се случиле такви убиства со цел да се истражи природата на злосторствата и да се документираат злосторствата.
Војната меѓу Русија и Украина, која започна со рускиот напад на 24 февруари, предизвика меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва и го поттикна заминувањето на светските компании од Русија.
Најмалку 1.417 цивили се убиени во Украина, а 2.038 се ранети, според проценките на Обединетите нации, кои наведуваат дека реалната бројка е веројатно многу поголема.
Според агенцијата за бегалци на ОН, повеќе од 4,1 милиони Украинци избегнале во неколку европски земји, а милиони се раселени низ земјата.