Mehmet Solmaz
02 Октомври 2025•Ажурирај: 03 Октомври 2025
БИРМИНГЕМ(АА) - Две лица се убиени, а три се повредени во денешниот напад пред синагогата „Хитон Парк“ во Манчестер, а лицето за кое се верува дека е напаѓачот е застрелано од полицијата, соопштија властите, јавува Анадолу.
Полицијата на Манчестер соопшти дека полицајците биле повикани околу 9:31 часот по локално време поради пријави за автомобил што се движел кон пешаците пред синагогата во Крампсал и дека еден маж бил избоден.
Полицијата соопшти дека може да потврди дека две лица починале, а „тројца граѓани сѐ уште се во сериозна состојба“.
„Голем број луѓе што се наоѓале во синагогата во време на инцидентот биле задржани внатре, додека непосредната околина не беше безбедна, а потоа се евакуирани.“
Портпаролот на полицијата на Манчестер изјави: „Остануваме во директен контакт со сите синагоги низ Манчестер за да обезбедиме сигурност и ова ќе продолжи толку колку што е потребно.“
Градоначалникот на Манчестер, Енди Бернам, за „Би-би-си Радио Манчестер“ изјави дека станува збор за „сериозен инцидент“ и нагласи дека благодарение на брзата интервенција на полицијата отстранета е непосредната опасност.
Премиерот Кир Стармер, кој е во Копенхаген на состанок на Европската политичка заедница, го прекина патувањето и се враќа во земјата за да претседава со итен состанок на Кабинетот.
„Згрозен сум од нападот врз синагогата во Крампсал. Фактот дека ова се случи на Јом Кипур, најсветиот ден во еврејскиот календар, го прави уште пострашен.“
„Моите мисли се со најблиските на сите повредени, а им упатувам и благодарност на службите за итни случаи и на сите лица што дадоа прва помош.“
Во истрагата се вклучија истражители од единиците за борба против тероризмот и МИ5, а властите апелираа до јавноста да остане подалеку од областа и да им дозволи на службите за итни случаи да работат.