Jeyhun Aliyev
27 Ноември 2018•Ажурирај: 27 Ноември 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Стефан де Мистура, сирискиот претставник во заминување на Обединетите нации (ОН) утре ќе се придружи на 11. круг на сириските мировни преговори за Астана во главниот казахстански град, јавува Anadolu Agency (AA).
„Стефан де Мистура беше поканет во Астана од страна на казахстанската Влада во име на земјите гаранти Турција, Русија и Иран“, се вели во денешното соопштение, издадено од страна на Кабинетот на ОН во Женева.
„На состанокот со високите официјални претставници од земјите гаранти, Мистура (кој треба да се повлече кон крајот на овој месец) ќе работи на воспоставување комитет за испишување нов устав“, се додава во соопштението.
По шестмесечната пауза, се очекува учесниците да разговараат за прекинот на огнот во северозападната сириска област во Идлиб и за ослободување на затворениците.
Утрешните преговори нема да бидат достапни за новинарите, додека пак главната сесија в четврток (кога ќе се состанат сите страни и ќе се прочита завршната Декларација), ќе биде проследена од страна на медиумите.
На состанокот ќе учествуваат земјите гаранти, режимот на Башар ал Асад, сириската воена опозиција, а ОН и Јордан ќе бидат поканети на состанокот како набљудувачи.
Турција ќе ја претставува заменик-министерот за надворешни работи, Седал Онал.
На преговорите, исто така ќе учествуваат помошник-министерот за надворешни работи (за арапските и африканските прашања), Хусеин Габри Ансари, кој го претставува Иран, и специјалниот претставник на рускиот претседател за Сирија, Александар Лаврентиев.
Стефан де Мистура ги води интрасириските разговори од крајот на 2017 година, обидувајќи се да подготви нов устав за Сирија и да воспостави услови за избори под надзор на ОН.
Тој повеќе од четири години беше претставник на ОН за конфликтот во Сирија.