Eşref Musa,Burak Karacaoğlu
23 Декември 2019•Ажурирај: 23 Декември 2019
ИДЛИБ (АА) – Девет цивили ги загубија своите животи во воздушните напади на Русија во деескалационата зона во сириски Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според Опсерваторијата на вооружената опозиција, руските воени авиони доцна синоќа ги нападнале областа Маратунуман, местата Џерџеназ, Тел Менис, Масаран, Дери Гарби, Гадафа, Хан ес Субул и селото Бабила.
Според информациите добиени од извори на Цивилната одбрана на Идлиб (Бели шлемови), во руските напади во деескалационата зона во Идлиб животот го загубиле вкупно 9 цивили, од кои 4 во областа Маратунуман, а 5 цивили во селото Масаран.
- Режимските напади продолжуваат -
Режимот на Башар ал Асад реализираше воздушни напади во областите Серакиб, Кефренбил, Кеферума и Кенсафра, а исто така и во селата Маршурин, Мардебсе, Баболин, Маранд, Дејр Шарки и Кеферавид.
Во овие области немало загинати или повредени. Местата скоро целосно се испразнети.
Екипите на Цивилната одбрана од една страна ги спроведуваат активностите за пребарување и спасување на цивилите, а од друга страна се обидуваат да ги пренесат на безбедни места цивилите што бегаат од бомбардирањето.
Од потпишувањето на договорот помеѓу Турција и Русија во Сочи на 17 септември 2018 година, во нападите на Асадовите сили и неговите сојузници врз Идлиб загинаа најмалку 1.300 цивили, а во текот на 2019 година раселени се над 1 милион луѓе.
Само од почетокот на минатиот месец, бројот на внатрешно раселените лица ја достигна бројката од 205.000.