Sefa Mutlu
10 Септември 2017•Ажурирај: 11 Септември 2017
ТЕКНАФ (АА) - СЕФА МУТЛУ - Араканските муслимани кои бегаат од прогонот и масакрот што врз нив од 25 август го вршат мјанмарските војници и будистичките националисти, со надеж дека на другата страна ги очекува побезбедна средина, се обидуваат да ја преминат реката Наф и да влезат на територијата на Бангладеш, јавува Anadolu Agency (AA).
Официјалните извори наведуваат дека бројот на бегалците достигнал околу 300.000, а поголемиот дел од нив се деца, жени и стари луѓе.
Многу муслимани кои се кријат во планинското подрачје на Мјанмар, по неколку дена патување, со помош на рибарите, ја преминуваат реката Наф.
Со себе успеваат да понесат по неколку работи, вода и ситна стока, во надеж дека ќе успеат да се спасат.
Бегалците по преминувањето на реката, на оризовите полиња чекаат со часови.
Во ракавците на Наф, на секои стотици метри може да се забележат припадници на безбедносните сили на Бангладеш, кои не дозволуваат премин на цивилите.
Околината на стражарниците стана место на кое бегалците од Аракан чекаат дозвола за премин во Бангладеш.
Додека трае агонијата на бегалците од Мјанмар, во пограничното подрачје може јасно да се види чадот над селата кои ги запалија будистичките националисти и мјанмарската војска.
Многумина, веќе изнемоштени бегалци, се среќаваат со водените буици предизвикани од обилните врнежи. Потоа, поминуваат низ кал која на некои места е до колена. Помош на брегот им пружа турската хуманитарна организација ИХХ и други организации.
Турската хуманитарна организација ИХХ на бегалците продолжува да им пружа помош.
Екипата на ИХХ денес во камповите во областа Текнаф подели помош за околу 2.000 лица.