Zehra Ulucak
16 Јануари 2020•Ажурирај: 16 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Европската асоцијација на новински агенции (EANA) најостро го осуди упадот на египетската полиција во Канцеларијата на АА во Каиро и апсењето на четворицата вработени на Агенцијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„EANA е со Агенција Анадолија, нашата членка и нејзините новинари. Управниот одбор на EANA придава голема важност на темелните вредности на демократијата и сметаме дека слободното новинарство е камен-темелник на демократските општества. Поради тоа, за осудување е секоја постапка против овие вредности“, се наведува во соопштението на EANA.
Понатаму се додава дека Управниот одбор на EANA смета дека египетските власти треба веднаш да ги пуштат приведените новинари и за правниот основ за нивното притворање треба да ја известат меѓународната јавност.
Египетската полиција во вечерните часови на 14 јануари изврши упад во Канцеларијата на АА во Каиро и потоа приведе четворица вработени, меѓу кои и еден државјанин на Турција, и ги одведе во непознат правец.
Полицијата при упадот во Канцеларијата на АА ги изгаснала безбедносните камери и ја прекинала интернет-врската. Безбедносните сили вршеле претрес во Канцеларијата до утринските часови, ги зеле пасошите на вработените, мобилните телефони и компјутерите и ги спречиле да контактираат.
Досега, египетските институции не објаснија зошто се приведени новинарите и каде се однесени, без оглед на барањата за одговор од адвокатите на АА и од турската Амбасада во Каиро.
Турското Министерство за надворешни работи повика на итно ослободување на персоналот на АА и го оцени упадот во Канцеларијата на АА како чин на насилство и индикатор за негативниот пристап на египетските власти кон демократијата и слободата на медиумите.
Портпаролот на Обединетите нации (ОН), Стефан Дујариќ, изјави дека ОН се загрижени за секој извештај за апсења и приведувања на новинари и порача дека ОН ќе го истражат случајот на египетските безбедносни сили.
Од Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) и Меѓународниот институт за медиуми (IPI), исто така, го осудија упадот на египетската полиција во Канцеларијата на АА во Каиро и повикаа на итно ослободување на приведените.
Портпаролот на Стејт департментот исто така рече дека Вашингтон е запознаен со вестите од Каиро и ги повика египетските власти да ги ослободат притворените и да овозможат слободно новинарство.