БОГОТА (АА) - Бројката на загинати во судирите што избија вчера во судир меѓу банди во затвор во јужноамериканската држава Еквадор се зголеми на 116, а бројот на повредените достигна 80 лица, известува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Еквадор, Гиљермо Ласо, одржа прес-конференција на која соопшти дека е прогласена „вонредна состојба“ во траење од 60 дена во системот на сите затвори низ целата земја.
Опишувајќи го како несреќа инцидентот кој настанал при судирот на ривалските банди во Казнено-поправната установа „Литорал“, во градот Гвајакил во провинцијата Гвајас, претседателот Ласо информира дека бројката на загинати осуденици се искачила на 116, додека повредени се 80 лица.
Нагласувајќи дека е жално што затворите се претвориле во место за борба за моќ меѓу криминалните банди, Ласо истакна: „Еден од нашите први чекори за справување со овој факт беше да прогласиме вонредна состојба во затворите низ целата земја.“
Истакнувајќи дека со цел заштита на правата на затворениците, ќе се солидаризираат со нивните семејства, претседателот Ласо изјави: „Владата веќе неколку месеци прави значителни инвестиции во инфраструктурата и технологијата за надзор поради насилството што се повторува во затворите, проект што ќе ја зајакне контролата во затворите.“
- Истовремени судири -
Во изјавата што претходно ја даде Боливар Гарсон, генералниот директор на затворскиот систем, се наведува дека во истовремени судири до кои дошло меѓу бандите во различни одделенија на затворот, бројката на загинати е зголемена на 100 осуденици, додека бројот на повредените изнесува 52. „Влеговме во одделенијата, но тоа не беше лесно. Полицијата ја презеде контролата во 14 часот по локално време, но синоќа имаше и други инциденти и експлозии“, изјави Гарсон.
Посочувајќи дека бројот на загинати во затворот може да се зголеми уште повеќе, Гарсон рече дека полицијата и Обвинителството продолжуваат со својата работа за да ги идентификуваат телата на осудениците што ги загубија животите.
Тој нагласи дека се соочуваат со голема трагедија. „Борбата меѓу организираните криминални групи и борбата за моќ во самите затвори, за жал, дојде до ова ниво. Ситуацијата е навистина застрашувачка.“
Во околината на затворот војниците преземаа опсежни безбедносни мерки.
- Во првичните информации беше соопштено дека загинале 24 лица, а 48 лица се повредени -
Според првичните информации што беа соопштени вчера за судирот меѓу бандите во затворот, беше наведено дека животот го загубиле 24 лица, а 48 се повредени.
Во видеата што локалното население вчера ги споделуваше на социјалните мрежи може да се забележи дека голем број затвореници се качени на покривот од затворот, а се слушаат и истрели и експлозии.
Локалните медиуми објавија дека судирите започнале во одделенијата 8 и 9, во кои се сместени членовите на бандите Лос Лобос и Тигеронес.
- Проблем со затворите во Еквадор -
На 23 јули оваа година дојде до судир меѓу затворениците во два различни затвори во земјата, во кои животот го загубија 21 лице, а 35 беа повредени.
Околу 38.000 притворени и осудени лица во моментов издржуваат казна во 60 објекти во Еквадор наменети за 29.000 затвореници, што одвреме-навреме резултира со судири меѓу бандите.
На 24 февруари, најмалку 80 затвореници загинаа во немирите што избувнаа истовремено во затворите во три града.
news_share_descriptionsubscription_contact


