İlayda Çakırtekin
18 Мај 2026•Ажурирај: 18 Мај 2026
Независна комисија составена од поранешни шефови на влади, претставници на меѓународни организации, министри и претставници на граѓанското општество ја повика Светската здравствена организација (СЗО) да прогласи меѓународна вонредна состојба за јавното здравје поради климатските промени, јавува Анадолу.
Паневропската комисија за клима и здравје, со која претседава поранешната исландска премиерка Катрин Јакобсдотир, а ја свика регионалниот директор на СЗО за Европа, д-р Ханс Анри П. Клуге, здружи 13 поранешни шефови на влади, претставници на меѓународни организации, министри и претставници на граѓанското општество од целиот Европски Регион на СЗО, кој опфаќа 53 земји.
Комисијата од Женева го упати својот „Повик за акција“, апелирајќи до СЗО „и официјално да ги прогласи климатските промени за меѓународна вонредна состојба во поглед на јавното здравје“.
Посочувајќи дека сегашната рамка на Меѓународниот здравствен правилник не е создадена за справување со климатските закани, комисијата истакна дека овие правила не успеале да ги следат темпото и размерот на кризата.
„Недостигот на официјално прогласување вонредна состојба им овозможи на владите да ги третираат климатските промени како хронична состојба во заднина наместо како акутна, ескалирачка закана што веќе е очигледна“, се наведува во соопштението.
Комисијата, исто така, апелираше до владите да ги признаат климатските промени како непосредна и растечка криза, а не како идна закана.
Истакнувајќи ги ефектите од климатските промени врз здравјето, храната, водата, енергијата и националната безбедност, таа предупреди дека сегашните одговори и понатаму се недоволни.
Комисијата упати апел до шефовите на владите да ги вклучат климатските промени и јавното здравје во агендите на националните совети за безбедност притоа вклучувајќи ги сите релевантни министерства.
„Здравствените и економските аргументи за дејствување сега се недвосмислени. Цената на недејствувањето значително ја надминува цената на раното минимизирање и адаптација“, се наведува во соопштението.
Комисијата дополнително ја акцентираше потребата од зајакнување на климатската отпорност на здравствените системи и намалување на емисиите на стакленички гасови. Како клучни чекори за постигнување на оваа цел се наведуваат едукацијата на медицинскиот кадар за влијанието на климатските промени врз здравјето, како и имплементацијата на главните климатски индикатори во рамките на националните евалуации на здравствениот сектор.
Таа, исто така, апелираше до владите и меѓународната заедница да воспостават системи за мониторинг со метрики што ги ставаат здравјето, еднаквоста и еколошката одржливост во центарот на процесите на донесување одлуки.
Комисијата дополнително ја повика СЗО да ја зајакне координацијата во однос на климата и здравјето низ целиот систем на Обединетите нации.
„Далеку од тоа дека станува збор за проблем што ги засега само идните генерации, ова е реална и присутна закана за нас тука во Европа, токму сега. Климатската акција не е само неопходност, таа е високопрофитабилна инвестиција за поправедно и поотпорно општество. Сите ние имаме и политичка и морална одговорност да дејствуваме веднаш“, изјави Јакобсдотир.