АНКАРА
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес испрати писмо до лидерите на европските земји, во кое повторно повика на дијалог со Грција за да се стави крај на тензиите во Источниот Медитеран, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Би сакал уште еднаш да истакнам дека сме подготвени за дијалог со Грција без никакви предуслови“, рече Ердоган во писмото до челниците на европските институции, како и до лидерите на земјите членки на европскиот блок, со исклучок на Грција и администрацијата на кипарските Грци.
Ердоган нагласи дека односите со Брисел отсекогаш биле приоритет на Турција и дека „е постигнат значителен напредок во тој поглед, особено за време на нивниот мандат“.
Тој, сепак, истакна дека постоеле „огромни предизвици“ во шесте децении што ги опфаќаат односите на двете страни.
„Неодамна, нашите односи се соочуваат со уште еден нов предизвик поради развојот на настаните во Источен Медитеран“, додаде Ердоган, нагласувајќи дека политиката на Турција за Источниот Медитеран содржи две цели.
„Првата е разграничување на подрачјата за поморска надлежност во Источниот Медитеран на правичен, праведен и фер начин, во согласност со меѓународното право, и заштита на нашите суверени права и надлежност над нашиот континентален гребен.“
Втората цел, како што појасни тој, е да се обезбедат еднакви права и интереси за јаглеводородните ресурси на кипарските Турци, како еден од двајцата косопственици на островот.
„Во согласност со овие цели, Турција посакува Источен Медитеран да стане регион каде што сите страни соработуваат, јаглеводородните ресурси се делат правично и каде што преовладуваат мирот и стабилноста“, рече турскиот претседател, напоменувајќи дека Грција и управата на кипарските Грци константно ги игнорираат правата на кипарските Турци.
„Управата на кипарските Грци потпиша т.н. договори за разграничување на морето со соседните земји во 2003, 2007 и 2010 година и ја спроведе првата операција за дупчење во 2011 година“, додаде тој.
Тој нагласи дека Грција, заедно со властите на кипарските Грци, се обидела да ги наметне своие максималистички барања во врска со надлежноста над морето, со кои има за цел да се затвори Турција во Анталискиот Залив.
Од друга страна, Ердоган во писмото наведува дека Турција продолжува да се залага за дипломатија на истокот на Средоземното Море, со цел да ги заштити сопствените и правата на кипарските Турци.
„Меѓутоа, кога нашите повици за дијалог и соработка не дадоа никакви резултати, Турција започна да презема чекори на терен во 2018 година, откако чекаше седум години“, изјави Ердоган и додаде:
„Турција се залага за правично разграничување на подрачјата на поморска надлежност во Источниот Медитеран во согласност со меѓународното право.“
Тој рече дека ќе биде „многу корисно да се воспостави инклузивен форум за енергетска соработка што ќе ги обедини сите страни во Источниот Медитеран, вклучително и кипарските Турци.“
„Би сакал ЕУ да ги поддржи овие наши предлози, да се откаже од пристрасната позиција што ја зазеде против Турција, земјата кандидат, и да не се залага неправедно за максималистичките барања на Грција и кипарските Грци“, се вели во писмото.
Тој истакна дека никој не смее да очекува Турција, која има најдолго крајбрежје на истокот на Средоземното Море, да биде ограничена со нејзините територијални води, и дека додека другите крајбрежни држави на Источен Медитеран ги продолжуваат своите програми и активности поврзани со јаглеводородните ресурси, оската на злоба кон Турција продолжува. Кипарските Турци постојано се игнорирани.
Тој ја изрази желбата на Турција да го ревидира договорот за реадмисија на мигрантите склучен помеѓу Турција и Европската Унија (ЕУ) на 18 март 2016 година, земајќи ги предвид сегашните околности.
Исто така го поддржа постепеното зајакнување на односите Турција - ЕУ во сите области во согласност со нивните заеднички интереси.
„Верувам дека патот до ова започнува од свеста за виталното значење, што нашите односи го имаат за нашите заеднички интереси во многу области, како што се илегалната миграција, тероризмот, трговијата и енергијата“, заклучи Ердоган во писмото.