Gökhan Kurtaran
13 Март 2018•Ажурирај: 14 Март 2018
ЛОНДОН (AA) - Главниот преговарач на Европската унија (ЕУ) Мишел Барниер порача дека Велика Британија нема да ги задржи сегашните повластувања, вклучувајќи ги и трговските, откако ќе го напушти овој блок, додавајќи дека Лондон мора да се соочи со таа реалност, јавува Anadolu Agency (AA).
„Не може да имате статус на трета земја и да барате повластувања на Европска унија", рече Барниер на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбург во текот на дебатата за насоките за рамката за идните односи помеѓу ЕУ и Велика Британија.
Истакна дека воопшто не постои некој друг пат отколку британските власти да се соочат со новонастанатата ситуација.
„Време е за соочување со груби факти кои се многу јасни", рече Барниер.
Нагласи на крајот дека немало други опции со оглед на намерата на Лондон да го напушти единствениот пазар и царинската унија на ЕУ.
Во ЕУ минатата недела го одбија барањето на британската премиерка Тереза Меј за посебен договор по Брегзит, нудејќи му на Лондон само договор за слободна трговија, без посебен статус за британскиот финансиски сектор.
Од друга страна, претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер ја повика британската премиерка Меј да ги забрза преговорите за начините на излегување од Унијата и да ги дефинира идните односи на својата земја со преостанатите 27 членки на ЕУ.
Велика Британија ќе излезе од ЕУ во март следната година, откако повеќе од четири децении беше членка и економски, политички и правно врзана со најголемиот трговски блок во светот.
Доколку две страни не ги уредат своите односи пред Брегзит, нивната трговска размена ќе биде регулирана со прописите и царините на Светската трговска организација (СТО).