Ekipa
31 Јануари 2022•Ажурирај: 01 Февруари 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) добро ги подготви санкциите против Русија во случај на агресија врз Украина, но Блокот претпочита да го реши конфликтот преку дијалог, изјави официјален претставник, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Иако сме подготвени со рестриктивни мерки и одвраќање, ние навистина сме фокусирани на дипломатскиот пат, обидувајќи се да ја натераме Русија на деескалација на состојбата во конфликтот со Украина“, им кажа на новинарите Питер Стано, главниот портпарол на дипломатската служба на ЕУ, на дневниот брифинг на Европската комисија.
Стано објасни дека Блокот подготвил рестриктивни мерки доколку „не успеат дијалогот и дипломатијата“.
Тој рече дека „работата е веќе многу напредната“, но потсети дека „обемот и видот“ на санкциите на ЕУ ќе зависат од активностите на Русија.
Стано тврди дека ЕУ прво ќе се консултира со САД, Канада и НАТО пред да донесе одлука за санкции.
Во исто време, тој ги повтори забелешките на Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, што ја предупредуваат Русија на „сериозни политички последици и огромни економски загуби ако дополнително ја нападне Украина“.
САД, со своите европски сојузници, предупредуваат дека Русија подготвува терен за инвазија на Украина и дека однапред распоредила повеќе од 100.000 војници на границите со Украина, заедно со распоредување на артилерија и тенкови.
Москва негира дека се подготвува за воена офанзива, велејќи дека нејзините војници се таму поради редовни вежби.
Минатиот декември, Русија им го претстави нејзиниот предлог на НАТО и САД за обезбедување безбедносни гаранции во Европа што ги зема предвид интересите на државата.
Во писмениот одговор на тие барања, Вашингтон ја изрази својата посветеност да ја поддржува „политика на отворени врати“ на НАТО.
Но Москва кажа дека одговорот „нема позитивна реакција“ на нејзиното главно барање за блокирање на Украина кон приклучувањето во НАТО.