Ömer Tuğrul Çam
01 Декември 2021•Ажурирај: 02 Декември 2021
РИГА (АА) - Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, истакна дека одлучно и силно ја поддржуваат Украина против каква било иницијатива која ќе го нарушува територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Борел даде изјава за новинарите во сесијата во врска со Западен Балкан при состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО одржан во Рига, главниот град на Латвија.
Тој нагласи дека покрај Западниот Балкан, исто така, и Украина е многу важна за нив.
„За ЕУ, територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина се над сѐ. Одлучно и силно ја поддржуваме оваа земја против каква било иницијатива која ќе го нарушува територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина“, рече тој.
Истакнувајќи дека треба да се спречи една можна криза, Борел нагласи: „Треба да се направи сѐ за да се укаже дека каква било агресија против Украина ќе биде возвратена“.
Борел, исто така, се осврна и на случувањата на Западен Балкан, додавајќи дека се загрижени од сепаратистичките реторики, особено во Босна и Херцеговина.
Тој укажа на важноста на дијалогот за стабилизирање на регионот.