Zuhal Demirci
14 Јули 2023•Ажурирај: 16 Јули 2023
БРИСЕЛ/ЛОНДОН (АА) - Марион Лалис, координаторка на Европската Унија (ЕУ) за борба против омразата и дискриминацијата врз муслиманите, изјави дека Унијата има конкретни планови за борба против омразата кон муслиманите, пренесува Анадолу.
Лалис, која беше назначена на функцијата на 2 февруари, одржа прес-конференција во Брисел и одговараше на прашања на новинарите.
Таа истакна дека муслиманската заедница во Европа е најголемо верско малцинство, со различен број, процент и потекло меѓу земјите членки на Унијата.
„Сепак, клучна поента е дека муслиманската заедница во ЕУ е составен дел од нашето општество“, рече Лалис.
„Предложивме подготовка на документ со мапирање на феноменот на омраза кон муслиманите.“
Запрашана за конкретните планови за борба против исламофобијата, осврнувајќи се на инцидентите со палењето на Куранот во Шведска, таа рече дека „најпрво ќе ги вклучат политиките за борба против омразата кон муслиманите во различни сектори, како што се образованието, безбедноста, миграцијата и многу области за вработување“.
„Ќе одржуваме дијалог со различни институции, граѓанското општество, граѓаните и меѓународните организации. Ќе спроведеме политики засновани врз докази и ќе ја подигнеме свеста кај граѓаните и институциите за феноменот исламофобија“, додаде таа.