Ekip,Rabia İclal Turan
06 Јануари 2022•Ажурирај: 07 Јануари 2022
БРИСЕЛ
Европската Унија (ЕУ) ги повика сите страни во Казахстан да покажат воздржаност и одговорност во услови на зголемени општествени тензии поради огромниот пораст на цените на течниот нафтен гас (ТНГ), јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ги повикуваме сите засегнати да дејствуваат со одговорност и воздржаност и да се воздржат од дејствија кои би можеле да доведат до понатамошна ескалација на насилството“, рече во писмената изјава Набила Масрали, портпаролка на Европската служба за надворешни работи.
Од една страна, ЕУ ги повика казахстанските власти да го почитуваат основното право на мирни протести и принципот на пропорционалност кога ги бранат своите легитимни безбедносни интереси.
Од друга страна, Блокот ги повика демонстрантите да избегнуваат насилство, притоа признавајќи им го правото на мирни демонстрации.
„Европската Унија охрабрува мирно решавање на ситуацијата преку инклузивен дијалог со сите засегнати страни и почитување на основните права на граѓаните“, се вели во соопштението, во кое се додава дека Блокот внимателно ги следи случувањата во Казахстан.
Возачите во градот Жанаозен во неделата почнаа да демонстрираат против поскапувањето на ТНГ, што набрзо прерасна во масовни протести низ целата земја.
Според казахстанското Министерство за внатрешни работи, повеќе од 200 лица се приведени поради нарушување на јавниот ред и мир откако за време на протестите беа оштетени 37 полициски возила, а 95 полицајци беа повредени.
Како одговор на масовните протести, Владата во средата одлучи да воведе контрола на цените на ТНГ, бензинот, дизел горивото и основните прехранбени производи за 180 дена.