Ekip
26 Јули 2022•Ажурирај: 27 Јули 2022
БРИСЕЛ (АА) - Министрите за енергија на земјите членки на Европската Унија (ЕУ) постигнаа политички договор за намалување на побарувачката за гас во европскиот блок по заканите на Русија дека ќе ги прекине испораките, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ова не беше невозможна мисија! Министрите постигнаа политички договор за намалување на побарувачката за гас пред претстојната зима“, објави чешката Влада, која моментално претседава со Европскиот совет, на Твитер по вонредниот состанок.
Министрите за енергија се собраа за да разговараат за зимскиот план за вонредни ситуации на Европската комисија во кој од државите членки на ЕУ се бара да ја намалат побарувачката за природен гас за 15 отсто помеѓу август и март, стравувајќи дека Русија ќе престане да испорачува гас како одговор на санкциите на европскиот блок поради руската војна во Украина.
Според предлогот, овој потег би им овозможил на државите членки на ЕУ да ги наполнат своите подземни складишта со гас, кои сега изнесуваат 66 отсто, а исто така би го намалил идниот јаз помеѓу понудата и побарувачката за да се избегне недостигот во текот на зимата.
ЕУ воведе седум пакети санкции за Русија од почетокот на војната на земјата против Украина на 24 февруари.
Пакетите санкции на ЕУ насочени меѓу другите кон претседателот на Русија, Владимир Путин, и министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, забрануваат увоз на злато, нафта и јаглен и извоз на луксузна стока, и ги исклучуваат руските и белоруските банки од користење на меѓународниот систем СВИФТ.