Barış Seçkin
26 Јули 2022•Ажурирај: 27 Јули 2022
РИМ (АА) - Во Италија наводно е извршен кибернапад врз Даночната управа на земјата (Agenzie delle Entrate), додека компанијата што раководи со системот за обработка на податоци на оваа управа ги негираше овие тврдења, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во вестите на италијанските медиуми се тврди дека можно е да бил извршен кибернапад врз Даночната управа од страна на руските хакери „LockBit“ и дека се украдени податоци.
Во овие вести се наведува дека хакерите дале рок од 5 дена за извршување на бараниот откуп, а во спротивно ќе ги објават украдените податоци.
Италијанските полициски служби го следат случајот, додека Главното републичко обвинителство во Рим започна истрага.
Даночната управа побара од компанијата „Согеи“, која е задолжена за раководење на системот за обработка на податоци, да изврши истражување во оваа насока.
Меѓу другото, компанијата „Согеи“ по извршеното истражување соопшти дека според прелиминарните анализи врз системот за обработка на податоци, не е откриен кибернапад и дека не се украдени податоци од технолошката инфраструктура на Даночната управа. Исто така, компанијата ги сподели и резултатите на анализата.