Selen Temizer
07 Април 2022•Ажурирај: 07 Април 2022
БРИСЕЛ (АА) - Претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, во однос на мировните преговори меѓу Азербејџан и Ерменија, рече дека е донесена заедничка одлука за започнување конјретен процес за мировни преговори, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мишел, најпрвин одвоено се сретна со премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан и со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, а потоа сите тројца се сретнаа на вечера.
Претседателот на Европскиот совет во изјавата дадена по средбата, која траеше околу пет часа, рече дека лидерите се договориле да започнат конкретен процес и да формираат заедничка работна група за подготвување на евентуален мировен договор.
Опишувајќи ја средбата како прекрасна и многу продуктивна, Мишел нагласи: „Заедно решивме да започнеме конкретен процес за мировни преговори со цел да подготвиме можен мировен договор.“
Меѓу другото, Мишел рече дека верува дека ќе се одржи солиден канал на комуникација и координација за да се постигне напредок во наредните недели.
На прашањето колку време е потребно за да се потпише договорот, Мишел нагласи дека е тешко да се предвиди, но дека од првата средба одржана во декември 2021 година е направена голем исчекор и дека се разговарало за приоритетите и чувствителноста на двете страни.
„Ние напредуваме. Не ги потценувам тешкотиите кои ги имаат двете страни, но постои заедничка желба да се оди напред“, рече Мишел, и додаде:
„Вечерва направивме важен чекор во вистинската насока. Ова секако не значи дека сѐ е решено, но значи дека има подобро разбирање во однос на тоа кои се можните услови за да седнеме на иста маса. А тоа значи дека напредуваме кон постигнување одржлив договор којшто гарантира мир, безбедност и стабилност што е можно поскоро.“
Лидерите својот прв состанок го одржаа во Брисел на 14 декември 2021 година.