Ata Ufuk Şeker,Bayram Altuğ
22 Октомври 2020•Ажурирај: 23 Октомври 2020
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) соопшти дека во 2020 година биле префрлени 96 милиони евра за да се обезбеди итна хуманитарна поддршка за бегалците муслимани од Аракан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Европската комисија соопшти дека во соработка со Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР), ЕУ, САД и Велика Британија, организирана е меѓународна донаторска конференција за бегалците муслимани од Аракан.
Во соопштението се нагласува дека ЕУ обезбедила 96 милиони евра хуманитарна помош и поддршка на бегалците муслимани од Аракан во 2020 година.
Хуманитарната помош од 51,5 милиони евра е дадена за бегалците и заедниците кои ги згрижуваат за нивно користење во здравството и прехраната, 39 милиони евра се обезбедени за развој во областите на образованието, здравството и прехраната, а 5,5 милиони евра се доделени за да се обезбеди стабилност во регионот.
- Етничко чистење на муслиманите од Аракан -
Муслиманите од Аракан со законот донесен во 1982 година ги изгубија правата за државјанство.
Во Мјанмар, во моментот официјално се признаваат 135 различни етнички групи. Радикалните будисти се спротивставуваат на признавањето на муслиманите од Аракан.
Во 2012 година во мјанмарската држава Аракан настанаа судири меѓу будистите и муслиманите, во кои илјадници луѓе беа масакрирани, од кои повеќето муслимани, а беа запалени стотици куќи и деловни простории.
Мјанмарската војска и будистите националисти започнаа со масовни насилства, а како образложение за тоа ги наведоа истовремените напади извршени на 25 август 2017 година врз граничните полициски станици во Аракан.
Податоците на Обединетите нации (ОН) покажуваат дека од август 2017 година, од притисоците и суровоста во Аракан, во соседен Бангладеш побегнале над 900 илјади луѓе.
Обединетите нации и меѓународните организации за човекови права насилството врз араканските муслимани го нарекоа етничко чистење или геноцид.