Ömer Tuğrul Çam
18 Март 2022•Ажурирај: 21 Март 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската комисија соопшти дека ги цени дипломатските напори на Турција во однос на ситуацијата меѓу Русија и Украина и дека Турција како членка на НАТО игра важна улога во овој поглед, јавува Агенција Анадолија (АА).
Питер Стано, еден од портпаролите на Европската комисија, на дневната прес-конференција одговори на прашањето за позицијата на Турција и земјите од Персискиот Залив во однос на санкциите воведени кон Русија.
„Го цениме јасниот став на Турција. Турција ја осуди оваа војна, со тоа јасно го покажа својот став“, рече Стано, потсетувајќи дека Турција во исто време игра и улога на посредник.
„Турција ја организира и првата средба меѓу рускиот и украинскиот министер за надворешни работи по инвазијата на Русија. Тоа беше многу важно. Турскиот министер за надворешни работи отиде во Москва и во Лавов. Турција одигра важна улога како партнер и членка на НАТО. Секогаш го кажувавме следното: Нашите партнерски земји, земјите кои работат со нас, играат важна улога во придонесот кон меѓународниот притисок во областите каде што можат. Турција, играјќи ја улогата на посредник, направи многу на полето на дипломатијата“, нагласи Стано.
Наведувајќи дека продолжуваат да работат со Турција и со другите земји кои не воведоа санкции, Стано рече: „Ние објаснуваме колку е важно да се преземат мерки за да се запре војната на Путин во Украина. За ова разговараме со Турција и со земјите од Заливот. Напорите продолжуваат. Изолацијата на Путин и нашата посветеност да работиме на создавање обединет фронт со нашите партнери за запирање на војната останува непоколеблива.“