Ekip
18 Октомври 2021•Ажурирај: 19 Октомври 2021
БРИСЕЛ
Европската Унија (ЕУ) ќе донира 500 милиони дози од вакцините против Ковид-19, изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Европската Унија изврши извоз на над 1 милијарда дози од вакцините низ светот во текот на изминатите 10 месеци“, изјави Лајен преку видеообраќање.
Нарекувајќи го тоа „важна пресвртница“, таа објасни дека Блокот извршил извоз на вакцини против Ковид-19 „во повеќе од 150 земји на сите континенти, од Јапонија до Турција, од Обединетото Кралство до Нов Зеланд, од Јужна Африка до Бразил“.
Таа, исто така, вети дека ЕУ во следните месеци ќе донира најмалку 500 милиони дози за најранливите земји.
Фон дер Лајен го пофали постигнувањето на Блокот во вакцинирање на над 75 отсто од возрасната популација, но предупреди дека кампањите за вакцинација треба да се забрзаат во другите делови на светот за ефикасна борба против пандемијата.
Осврнувајќи се на нејзините претходни разговори со американскиот претседател Џо Бајден, таа рече дека агендата на ЕУ и САД за борба против глобалната пандемија има за цел до следната година да се вакцинираат 70 отсто од светската популација.
Во моментов, околу 47,5 отсто од глобалната популација примила барем една доза од вакцината против Ковид-19, но само 2,7 отсто од луѓето во земјите со ниски приходи се вакцинирани барем еднаш, според најновите податоци на „Our World in Data“.