Ömer Tuğrul Çam
07 Декември 2021•Ажурирај: 08 Декември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) се подготвува за неколку недели да формира своја заедничка дипломатска мисија во Авганистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Набила Масрали, една од портпаролите на Комисијата на ЕУ, рече дека ЕУ продолжува со напорите да одржи „минимално присуство“ во главниот град на Авганистан, Кабул.
Не сакајќи да дава детали од безбедносни причини, Масрали рече дека започнувањето на заедничкото дипломатско претставништво ќе биде можно за неколку недели.
Масрали исто така додаде дека отворањето на претставништвото „нема да значи дека ЕУ ги признава талибанците“.
Претставниците на ЕУ наведуваат дека е неизбежно за некои прашања да се воспостават односи со привремената талибанска администрација, особено за прашања како што е планираната хуманитарна помош за Авганистан.
Франција, која се подготвува да го преземе претседавањето со ЕУ на 1 јануари, предложи земјите на ЕУ да основаат заедничка дипломатска мисија во Кабул.
За време на посетата на Катар на 4 декември, францускиот претседател Емануел Макрон рече: „Размислуваме да воспоставиме заедничко место, организација за нашите амбасадори.“
„Ова е дипломатска иницијатива различна од политичкото признавање на талибанците или политичкиот дијалог со талибанците. За најкратко време ќе имаме претставништво“, нагласи Макрон.
Претставниците на ЕУ инсистираат на тоа дека нема да ги признаат талибанците, кои ја презедоа власта и формираа привремена влада по повлекувањето на НАТО од Авганистан. Но, исто така наведуваат дека им е потребен дијалог и соработка за одредени прашања.