Muhammet Kurşun
15 Декември 2019•Ажурирај: 16 Декември 2019
ТЕХЕРАН (АА) - Неколку градови во Иран се соочуваат со големо загадување на воздухот, поради што во последните 24 часа 1.541 лице побара лекарска помош, јавува Агенција Анадолија (AA).
Муџтаба Халиди, портпарол на иранската Служба за итни случаи, изјави дека главно станува збор за пациенти со срцеви заболувања кои ги посетиле болниците во Техеран, Исфахан, Алборз и некои други градови во централните делови на земјата.
Истакна дека само во Техеран 1.051 лице посетиле болница поради здравствени проблеми предизвикани од загадениот воздух.
Апелираше кон граѓаните, а особено кон чувствителните категории на население, без голема потреба да не излегуваат, и задолжително да носат маски кога се на отворено.
Во Техеран денеска е прекината наставата во предучилишните установи и основните училишта поради загадениот воздух.
Гувернерот на Техеран, Енусиреван Мухсини Бендпеј, изјави дека загаденоста изнесува 150 микрограми на метар кубен, што би можело да предизвика здравствени проблеми кај некои граѓани.
Истакна дека срцевите и белодробните болни, постарите лица и трудниците се ослободени од доаѓање на работа, додека воведени се ограничувања за учеството на камиони во сообраќајот.
Нагласи дека во сите градови ќе биде воведено правилото „пар-непар“, додека цената на градскиот јавен превоз ќе биде намалена за половина.
Локалните власти во градот Арак донесоа одлука за прекинување на наставата во сите училишта, додека летовите кон Ахваз се прекинати поради намалена видливост.
Според одредени податоци, во Техеран од март оваа година регистрирани се вкупно 52 дена со прекумерна загаденост на воздухот.
Според одредени истражувања, Техеран се наоѓа на 12. место на листата најзагадени градови во светот.
Освен инфраструктурата и густината на населението, кои не се погодни за нормална циркулација на воздухот, емисиите на издувни гасови од стари возила и милиони мотоцикли се главните фактори кои ја зголемуваат загаденоста на воздухот во Техеран.