Ekipa
16 Декември 2019•Ажурирај: 17 Декември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Штрајк со глад со барање за ослободување започнаа затворените жени кои како политички затворенички со години се држат притворени во египетските затвори, јавува Агенција Анадолија (АА).
Група жени активистки, меѓу кои и египетската опозиционерка Есма Шукр и бранителката на човековите права, Селма Ешреф, преку социјалната мрежа Фејсбук објавија заедничко соопштение.
„Во затворот Канатир во западниот дел на главниот град Каиро затворени се 10 жени кои се лишени од основните човекови права и не им е дозволено ниту да ги видат своите деца“, се вели во соопштението.
Минатата сабота штрајк со глад започнаа 10 жени кои се наоѓаат во затвор поради фиктивни причини и политичка одмазда, и на товар им се ставаат обвиненија непознати за Уставот и законите.
Активистките ги објавија имињата на жените што се држат во затворите кои започнаа штрајк со глад, упатувајќи повик до Египет и светската јавност за поддршка на египетските затворенички.
- Роднините на затвореничките го потврдија штрајкот со глад -
Роднина на една од затвореничките во изјава за Агенција Анадолија (АА) потврди дека штрајкот со глад започнал минатата сабота.
Штрајкот го започнаа 10-те жени кои се приведени од политички причини под обвинение за „членство во забранета организација (İhvan) и поради објавување лажни вести“. Некои од обвинетите, иако изминаа месеци и години од нивното приведување, сѐ уште не се изведени пред суд.
Египетските власти не дадоа никакво образложение по ова прашање. Египетското раководство во секоја пригода изјавува дека во затворите во земјата нема политички затвореник или осуденик.