Yusuf Özcan
16 Декември 2019•Ажурирај: 17 Декември 2019
ПАРИЗ (АА) – Во Франција штрајкот започнат против пензиската реформа на администрацијата на претседателот Емануел Макрон влегоа во 12-ти ден, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Поради штрајкот има сериозни нарушувања на услугите во здравството, јавните и транспортните услуги во Париз и во другите француски градови.
Денеска во главниот град се затворени 8 метро-линии и речиси 20 метро-станици, додека другите метро-линии работат само во одредени делови во одредено време.
Поради сообраќајниот метеж во и околу Париз, настана рекордна колона од возила долга 630 километри.
Денеска штрајкуваат 61 процент од машинистите во Француската национална железничка компанија (СНЦФ).
Соопштено е дека во многу универзитети во земјата одложени се испитите кои биле закажани за денеска.
Од друга страна, францускиот министер за економија, Бруно Ле Мeр, рече дека ќе биде дадена финансиска поддршка за продавниците кои се погодени од штрајковите.
- Француската национална железница (СНЦФ) со загуби од 20 милиони евра на ден -
Директорот на СНЦФ, Ален Кракович, во изјавата за медиумите рече дека штрајкот предизвикал Националната железничка компанија секој ден да има загуби од 20 милиони евра.
И утре ќе има сериозни проблеми во јавниот превоз и железничките линии во земјата.
Се истакнува дека штрајкот во земјата може да продолжи до Божиќните и Новогодишните празници.
Во Париз вчера, освен две метро-линии, другите не работеа.
- Реакција на пензиските реформи -
По демонстрациите на „Жолтите елеци“, голем број работници од различни сектори, на 5 декември, како реакција на пензиските реформи подготвени од администрацијата на Макрон, започнаа штрајк на неопределено време низ целата земја.
Штрајкот, кој започна во четвртокот минатата недела, беше проследен со протести и голем број луѓе кои излегоа на улиците. На првиот ден од штрајкот бројот на демонстрантите што излегоа на улиците достигна до 800.000.
На прес-конференцијата одржана минатата недела, францускиот премиер Едуард Филип изјави дека ќе бидат укинати привилегиите во пензискиот систем доделени на различни сектори и дека чекор по чекор ќе бидат укинати 42-та вида пензија.
Истакнувајќи дека пензијата ќе изнесува најмалку 1.000 евра, Филип нагласи: „Возраста за пензионирање ќе остане 62 години, но работниците ќе работат до 64-годишна возраст за да добијат целосна пензија. Оние што се родени пред 1975 година нема да бидат зафатени од новиот систем.“
На улиците излегоа здравствените работници, студентите, наставниците, државните службеници, правниците, земјоделските работници, работниците во поштите, такси-работниците, полицајците, лекарите, медицинските сестри, француската авиокомпанија „Ер Франс“, Француската национална железничка компанија (СНЦФ) и други.