Elena Teslova
20 Април 2022•Ажурирај: 21 Април 2022
МОСКВА (АА) - Русија не им верува на украинските мировни преговарачи, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, јавува Агенција Анадолија (АА).
Коментирајќи ја тековната ситуација во мировните преговори на Русија и Украина, Захарова во интервју за руската државна телевизија „Русија 24“ (Rossiya 24), рече дека принципот „верувај, но провери“, повеќе не важи за украинските преговарачи.
„Тука веќе нема „верувај и провери“, туку само „провери“, бидејќи веќе долг период немаме доверба во тие луѓе“, рече Захарова.
Исто така, таа рече дека Русија била подготвена на „недоследно однесување“ на Украина во текот на преговорите.
Таа напомена и дека пристапот на Киев во преговорите со Русија е осмислен на ист начин на кој беше и за имплементацијата на Договорот од Минск.
Руската војна во Украина, која започна на 24 февруари, доведе до илјадници смртни случаи, милиони раселени и широк опсег на санкции кон Москва, особено од ЕУ и САД.
Најмалку 2.104 цивили загинаа и 2.862 се ранети во Украина од почетокот на војната, според проценките на Обединетите нации, а реалните бројки се многу повисоки.
„Повеќе од 5 милиони Украинци побегнаа во други земји, а повеќе од 7 милиони се внатрешно раселени“, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН.