Riyaz Khaliq Khaliq
21 Јули 2023•Ажурирај: 22 Јули 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Остро реагирајќи на заканата од превентивен нуклеарен напад од страна на Пјонгјанг, Јужна Кореја денес соопшти дека во такво сценарио Северна Кореја „ќе го види крајот на режимот“, пренесува Анадолу.
„Во случај на каков било нуклеарен напад на Северна Кореја врз сојузот Јужна Кореја и САД, таа ќе се соочи со непосреден, огромен и решителен одговор од Алијансата и повторно силно предупредуваме дека нападот ќе доведе до крај на севернокорејскиот режим“, агенцијата „Јонхап“, со седиште во Сеул, го објави соопштението на јужнокорејското Министерство за одбрана.
Реакцијата следуваше откако севернокорејскиот министер за одбрана Канг Сун Нам вчера предупреди на „превентивен нуклеарен напад“ по пристигнувањето на американската нуклеарна подморница во јужнокорејско пристаниште оваа недела. Меѓутоа, денес подморницата ја напушти Јужна Кореја.
Американската подморница со балистички проектили со нуклеарен погон - УСС Кентаки - пристигна во вторникот во пристанишниот град Бусан првпат од 1981 година, кој во средата го посети јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол.
Сеул и Вашингтон, исто така, одржаа состанок на јужнокорејско-американската нуклеарна консултативна група оваа недела.
Сеул соопшти дека состанокот и распоредувањето на нуклеарната подморница е „соодветна одбранбена мерка против континуираните нуклеарни и ракетни закани на Северна Кореја“.
Пјонгјанг е обвинет за јасно кршење на резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации преку својата нуклеарна програма и ракетни провокации.
Доаѓањето на американската подморница Пјонгјанг го нарече најотворена и најдиректна нуклеарна закана за Северна Кореја.
„Американската војска мора да сфати дека ги донела своите стратегиски средства во премногу опасни води“, изјави вчера севернокорејскиот министер за одбрана.