Meiramgul Kussainova
22 Април 2022•Ажурирај: 23 Април 2022
КИЕВ (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, изјави дека покрај украинските војници, под опсада во Мариупол се и 120.000 цивили, главно жени и деца, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зеленски на прес-конференцијата одржана по средбата со премиерите на Шпанија и Данска изјави дека процесот што претстои ќе биде тежок за источна Украина.
Осврнувајќи се на изјавата на рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, дека ја презеле целосната контрола над Мариупол, Зеленски истакна: „И јас и вие добро знаеме дека одамна го зазедоа поголемиот дел од Мариупол, но има делови од градот во кои има украински војници.“
„Имаме и цивили покрај нашите војници. Повеќето од нив се жени и деца. Околу 120.000 цивили се под блокада во Мариупол“, рече Зеленски.
Потенцирајќи дека во фабриката „Азовстал“ во Мариупол има околу 400 ранети украински војници, Зеленски рече дека ѝ предложиле на другата страна споменатите војници да бидат вратени преку размена.