Aynur Asgarli
24 Февруари 2022•Ажурирај: 24 Февруари 2022
КИЕВ (А) ‒ Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, најави прекин на дипломатските односи со Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Вооружените сили на Украина се борат жестоко, непријателот трпи загуби, а ќе има уште повеќе, бидејќи тој изврши инвазија на нашата земја“, рече Зеленски на брифингот во Киев, главниот град на Украина.
Според неговите зборови, Украина веќе дистрибуира оружје и ќе го даде на секој што сака да ја заштити земјата.
Зеленски го повика и народот на Русија да излезе на протест.
„За сите оние кои сѐ уште не ја изгубиле совеста, време е да излезат и да протестираат против оваа војна. Против војната со Украина“, рече Зеленски.
Рано утринава, експлозии одекнаа во неколку украински провинции, вклучувајќи го и главниот град Киев, а неколку воени возила наводно ја преминале границата од Белорусија во Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин утринава најави воена интервенција во Украина само неколку дена откако призна две енклави под контрола на сепаратистите во источна Украина. Признавањето наиде на меѓународна осуда и најави за построги санкции кон Москва.
Русија распореди повеќе од 100.000 руски војници околу Украина во последните месеци, но постојано негираше дека планира инвазија.