Burak Dağ
21 Април 2022•Ажурирај: 22 Април 2022
КИЕВ (АА) - Украина ослободила 934 населени места од руската војска досега, а животот во овие области постепено се враќа во нормала, соопшти претседателот Владимир Зеленски доцна синоќа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во видеообраќањето кон граѓаните, Зеленски рече дека „934 места се веќе ослободени. Полицијата продолжува со работата во 435 места. Локалната самоуправа започна да работи во 431 заедница. Работата на хуманитарните штабови започна во 361 место.“
„Украинската Влада постепено го враќа пристапот на луѓето кон медицинските и образовните услуги“, додаде тој.
Осврнувајќи се на неговиот состанок со претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел во главниот град на Украина, Киев, Зеленски рече дека бил сеопфатен и продуктивен.
Тој истакна дека се разговарало за теми како што се процесот за членство во ЕУ, конкретните чекори на ЕУ за помош на Украина, особено во однос на одбраната, финансиите и санкциите, и подготовката на потребните чекори за обнова на Украина.
За интеграцијата на Украина во ЕУ, Зеленски рече: „Ова е историски момент кога можеме да развиеме максимална брзина во пристапувањето во Европската Унија. Ние веќе докажавме дека украинската држава и јавните институции се доволно ефикасни за да го издржат тестот на војната.“
Тој, исто така, истакна дека Украина објавила план за зајакнување на санкциите против Руската Федерација поради војната, додавајќи дека „планот предвидува ограничувања на енергетскиот сектор на Русија, банкарскиот сектор, увозот-извозот и транспортот“.