İlayda Çakırtekin
28 Септември 2025•Ажурирај: 29 Септември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Германија, Франција и Велика Британија денес го поздравија активирањето на санкциите и нивно повторно воведување врз Иран во заедничко соопштение, пренесува Анадолу.
„Го поздравуваме повторното воведување од 20:00 часот по источно време на 27 септември 2025 година на резолуциите 1696 (2006), 1737 (2006), 1747 (2007), 1803 (2008), 1835 (2008) и 1929 (2010) по завршувањето на процесот како што е предвидено во Резолуцијата 2231 на Советот за безбедност на ОН. Ги повикуваме Иран и сите држави целосно да се придржуваат кон овие резолуции“, се вели во соопштението.
Резолуциите кои содржат низа санкции и други рестриктивни мерки што претходно беа воведени од Советот за безбедност на ОН поради активностите на Иран за пролиферација, дојдоа откако Е3 го активираше механизмот за нивно враќање на сила на 28 август.
„Овие мерки беа укинати од Советот во контекст на JCPoA, во време кога Иран се обврза да осигура гаранции дека неговата нуклеарна програма е исклучиво мирнодобска. Со оглед на тоа што Иран постојано ги кршеше овие обврски, Е3 немаше друг избор освен да ја активира постапката за враќање, на крајот од која тие резолуции беа вратени во сила“, се додава во соопштението.
Министрите за надворешни работи на Е3 ја повторија својата „фундаментална цел“ дека Иран „никогаш“ нема да бара, стекнува или развива нуклеарно оружје, нагласувајќи дека Иран не ги презел потребните мерки за да ја реши нивната загриженост.
„Франција, Германија и Велика Британија сега се фокусираат, како итно прашање, на брзо повторно воведување на ограничувањата од овие резолуции, во согласност со нашите обврски како земји членки на ОН. Ги повикуваме сите земји членки на ОН да ги имплементираат овие санкции“, се додава во соопштението.
Понатаму, Иран се повикува да се воздржи од какви било ескалациски дејствија и да се врати на почитувањето на своите „правно обврзувачки обврски“.
„Нашите земји ќе продолжат да ги следат дипломатските патишта и преговорите. Повторното воведување на санкциите од ОН не е крај на дипломатијата“, се вели понатаму во соопштението.