Ekip
24 Ноември 2017•Ажурирај: 25 Ноември 2017
ХАРАРЕ (AA) – Околу 60.000 луѓе се собраа во Хараре, главниот град на Зимбабве, за да присуствуваат на полагањето заклетва на новиот претседател Емерсон Мнангагве, кој ја презеде функцијата по 37-годишното владеење од 93-годишниот Роберт Мугабе, јавува Anadolu Agency (AA).
Мнангагве денес положи заклетва пред главниот државен судија Лук Малаба.
Лидерите од јужноафриканскиот регион, вклучувајќи го и Едгар Лунгу, претседателот на Замбија, беа присутни на историската церемонија за земјата која ја дочека првата промена на лидерот по повеќе од три децении.
Многумина граѓани на Зимбабве ги зафати еуфорија поради историскиот момент и се надеваат дека ќе имаат подобра иднина под водство на Мнангагве.
„Сега гледам во пламенот на надежта, бидејќи знам дека под водство на претседателот Мнангагве ќе се отворат нови фабрики и дека наскоро ќе добијам работа", рече 33-годишната Либерти Сигауке, дипломиран машински инженер.
Школкуваната медицинска сестра Меган Мбиза (27), исто така зрачи со оптимизам.
„Ништо веќе не може да ги запре промените. Ќе има многу работни места и јас исто така ќе се вработам, бидејќи Мнангагва не е непријателски настроен кон развиениот свет и ќе привлече инвестиции во нашата земја, а тоа значи повеќе работни места", рече Мбиза.
Меѓутоа, има и такви кои се скептични во поглед на напредокот на земјата под водство на новиот лидер Мнангагва.
„Се смени само ликот на позицијата претседател, но владејачката партија Зану-ПФ и нејзините озлогласени особини никогаш нема да заминат", смета Мартин Ситхоле, активист на опозициското движење за демократски промени.
Пред две недели, Мнангагва беше разрешен од неговите функции потпретседател на Зану-ПФ и на државата. Потоа тој избега од Зимбабве стравувајќи за својот живот. Подоцна војската на Зимбабве ја зазеде државната телевизија и објави дека го стави Мугабе во куќен притвор. По неколку дена отпор, Мугабе во понеделникот поднесе оставка.