ИСТАНБУЛ (АА) - Од вкупниот број инсталации на обновливи извори на енергија на глобално ниво, кои со 290 гигавати се очекува годинава да го соборат рекордот, 160 гигавати електрична енергија ќе потекнуваат од соларни колекторски централи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според Извештајот за пазарот на обновливи извори на енергија што го подготви Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), рекордното зголемување на капацитетот на обновливите извори на енергија доаѓа во време кога се зголемуваат цените на основните метали што се користат во производството на соларни панели и ветерни турбини.
Од инсталациите на обновливите извори на енергија, кои се предвидува годинава да достигнат 290 гигавати, се очекува 160 гигавати, што претставуваат 55,2 % од вкупната енергија, да потекнуваат од инсталација на соларни колекторски централи, додека преостанатиот капацитет ќе биде обезбеден од други обновливи извори.
Пресметано е дека вкупниот енергетски капацитет што ќе се обезбеди од сончевата енергија, оваа година ќе биде зголемен за 17 % во однос на минатата година.
И покрај ова, за да се постигнат целите за нулта емисија во рамките на борбата против климатските промени, потребно е покрај во производството на електрична енергија, обновливите извори широко да се користат во сите сектори.
Доколку цените на суровините останат високи до крајот на годината, постои ризик инвестициските трошоци за енергија добиена од ветер да се вратат на нивото од 2015 година, а кај сончевата енергија постои ризик да се избришат придобивките од последните три години.
- Сонцето ќе биде лидер во растот -
Според извештајот, глобалниот капацитет на обновлива енергија ќе се зголеми на 4.800 гигавати во 2026 година, што е за 60 % зголемување во споредба со нивото од 2020 година. Станува збор за капацитет кој одговара на збирот на постојните фосилни горива и нуклеарни капацитети во светот.
Во овој период, 95 % од зголемениот глобален капацитет на електрична енергија потекнува од обновливи извори, при што повеќе од половина од ова количество се добива од сончева енергија.
Капацитетот за обновлива енергија што ќе биде пуштен во употреба во периодот 2021 - 2026 година на глобално ниво ќе биде зголемен за 50 % во споредба со капацитетот што бил пуштен во употреба во периодот 2015 - 2020 година.
Се предвидува ова зголемување да ги предодреди климатските политики на владите и целите за чиста енергија објавени пред и по Самитот на Обединетите нации за климата (COP26).
- Четири пазари ќе сочинуваат 80 % од инсталациите за обновлива енергија -
Се очекува Кина да ја задржи својата водечка позиција во глобалните инсталации за обновлива енергија, очекувајќи до 2026 година да достигне капацитет од 1.200 гигавати енергија произведена од ветрот и од сонцето.
Од друга страна, се проценува дека Индија ќе има најбрза стапка на раст на капацитетите за обновливи извори на енергија меѓу големите економии во следните пет години. Се предвидува дека заедно со Европа и САД, 80 % од капацитетите за обновлива енергија што ќе биде инсталирана до 2026 година, ќе се одвива на овие четири пазари.
И покрај ова, потребен е речиси двојно поголем капацитет од капацитетот во 2021 - 2026 година, за да се постигне нулта емисии до 2050 година.
Во својата оценка на извештајот, претседателот на ИЕА, Фатих Бирол, изјавувајќи дека овогодишното рекордно зголемување на капацитетот е показател за појавата на нова енергетска економија, истакна: „Високите цени на суровините што ги гледаме денес, претставуваат нови ризици за секторот на обновливи извори на енергија, но зголемувањето на цените на фосилните горива, од друга страна, ги прави обновливите извори на енергија поконкурентни.“
Посочувајќи на стапката на зголемување на капацитетите за обновлива енергија на Индија, Бирол ја даде следната проценка: „Зголемувањето во Индија ја поддржува новонајавената цел на Владата да достигне капацитет од 500 гигавати обновлива енергија во 2030 година. Од друга страна, Кина продолжува да ја покажува својата сила во обновливата енергија.“
news_share_descriptionsubscription_contact
