Faruk Hanedar
30 Јануари 2025•Ажурирај: 30 Јануари 2025
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел го суспендираше ослободувањето на палестинските затвореници поради настаните за време на ослободувањето на заложниците во градот Хан Јунис, на јужниот дел на Појасот Газа, јавува Анадолу.
Во соопштението од Кабинетот на израелскиот премиер се наведува дека премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац наредиле да се одложи ослободувањето на палестинските затвореници во рамките на третата размена на заложници.
Наведено е дека палестинските затвореници нема да бидат ослободени додека не се гарантира „безбеден излез“ на израелските заложници од Појасот Газа и дека ова барање им било пренесено на посредниците.
Според извештајот на израелското воено радио, повикувајќи се на безбедносни извори, третата фаза на размена на заложници е одложена до понатомошно известување, а автобусите со палестинските затвореници се вратени во затворот Офер.
- Нетанјаху изрази незадоволство
Во третата фаза од размената на заложници меѓу Хамас и Израел, тројца израелски затвореници и пет тајландски државјани беа предадени на екипите на Меѓународниот црвен крст.
За време на ослободувањето на заложниците во Хан Јунис, имаше голем собир и метеж, поради што заробениците тешко се движеа низ толпата.
Израелскиот премиер Нетанјаху рече дека „со голема сериозност ги следи сцените во Хан Јунис“ и го изрази своето незадоволство, барајќи од посредниците да спречат слични ситуации да се повторат.