Utku Şimşek
30 Јануари 2025•Ажурирај: 31 Јануари 2025
АНКАРА (АА) - Националната агенција за разузнавање (МИТ) на Туркије по инструкции на претседателот Реџеп Таип Ердоган спроведе разузнавачка дипломатија со Хамас и денес обезбеди ослободување на пет тајландски заложници во Газа, известува Анадолу.
На 13 јануари 2025 година беше потпишан мировен договор меѓу Хамас и Израел за прекин на израелските напади врз Појасот Газа и постигнат е договор за размена на затвореници и осуденици. Во израелските напади кои траат од 7 октомври 2023 година, животот го загубија приближно 50.000 луѓе, а повеќе од 100.000 се повредени.
Во согласност со палестинската кауза на која важност ѝ придава претседателот Реџеп Таип Ердоган, МИТ заедно со Министерството за надворешни работи одржуваше контакти со сите релевантни актери за да се обезбеди прекин на огнот од почетокот на процесот.
МИТ, кој презеде олеснувачка и помирувачка улога, спроведе ефективна разузнавачка дипломатија.
Националната агенција за разузнавање на Туркије, која презеде важна задача за евакуација на повредените и болните цивили, како и на турските државјани кои живеат во Газа, посредуваше и за ослободување на некои странски заложници во Газа по упатените барања за помош од други земји.
Во тие рамки, по инструкции од претседателот Ердоган, МИТ, која од почетокот на процесот за ослободување на тајландските заложници се координираше со своите тајландски колеги, ги продолжи контактите со Хамас по ова прашање.
Како резултат на ефективната разузнавачка дипломатија спроведена од страна на МИТ, денеска беа ослободени 5 заложници, државјани на Тајланд.