Michael Gabriel Hernandez
12 Септември 2020•Ажурирај: 13 Септември 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, изјави дека по Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), уште една заливска земја, Бахреин, постигнала договор за нормализирање на односите со Израел, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Најновиот договор е финализиран за време на телефонскиот разговор меѓу израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, и кралот на Бахреин, Хамад бин Иса ал Калифа“, се вели во заедничката американско-бахреинско-израелска изјава, што на Твитер ја објави Доналд Трамп.
Во соопштението се поздравува договорот, што e окарактеризиран како „историски исчекор“, за кој се вели дека ќе го унапреди мирот во регионот.
„Воспоставувањето директен дијалог и врски помеѓу овие две динамични општества и напредни економии ќе ја продолжи позитивната трансформација на Блискиот Исток и ќе ги зголеми стабилноста, безбедноста и просперитетот во регионот“, се наведува во изјавата.
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Израел на 13 август соопштија дека постигнале договор за нормализирање на билатералните односи. Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, лично соопшти дека Емиратите и Израел постигнале договор за целосно нормализирање на билатералните односи. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека тоа е историски успех.
Палестинското раководство, вклучувајќи ги движењата Фатах, Хамас, Исламски џихад и Народен фронт за ослободување на Палестина, согласни се дека договорот за нормализирање на односите меѓу Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Израел претставува големо предавство.
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) станаа трета арапска земја што постигна договор со Израел за нормализирање на односите, а претходно тоа го сторија Египет (1979) и Јордан (1994).