Qais Omar Darwesh Omar,Hamdi Yıldız
12 Септември 2020•Ажурирај: 13 Септември 2020
РАМАЛА (АА) - Палестинската младина симболично изврши погребна молитва за Арапската лига, од којашто не беше прифатена нацрт-резолуцијата со која се осудува нормализацијата на односите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Палестинците, коишто одржуваа неделни демонстрации во знак на протест против нелегитимните израелски населби во градот Кефр Кадум, источно од градот Калкилја, на еден ковчег го залепија амблемот на Арапската лига.
Палестинците потоа симболично извршија погребна молитва за Лигата.
Предлог-резолуцијата подготвена од Палестина против нормализацијата на односите меѓу Израел и ОАЕ, пред состанокот на Арапската лига не беше прифатена од некои арапски земји, па затоа немаше одлука за осуда.
„Ние го отфрламе договорот меѓу Израел и ОАЕ и сакаме да не го прифатите“, рече палестинскиот министер за надворешни работи, Ријад ал-Малики, на состанокот одржан преку видеоконференција.
Арапската лига, основана во 1945 година за регулирање на економските, културните, политичките и општествените односи меѓу арапските земји, беше критикувана дека не е доволно ефикасна во текот на годините.
Набљудувачите забележуваат дека многу одлуки на Лигата, во која членуваат 22 земји, остануваат само на хартија.