Ikrame Imane Kouachi
22 Март 2025•Ажурирај: 23 Март 2025
БЕЈРУТ/АНКАРА (АА) - Најмалку една Либанка загина, а пет лица се повредени во израелски воздушни напади врз неколку гратчиња во јужен Либан, кои започнаа по лансирањето ракети од Либан кон северен Израел, јавува Анадолу.
Либанската национална новинска агенција ННА објави дека во израелски воздушен напад врз градот Тул во јужен Либан загинало едно лице, а три се повредени.
Либанското Министерство за здравство, исто така, извести дека две лица се ранети во градот Кфар Кила во израелско гранатирање.
ННА потврди дека северозападното подрачје на градот Јахмур ал-Шакиф во регионот Набатие е погодено од периодичен израелски артилериски оган.
Цел на нападите биле и предградијата на градовите Арнун и Кфар Тибнит.
Израелската војска истрела артилериски гранати врз градот Киам, додека ракета го погоди градот Хула, додаде ННА.
Израелските сили, исто така, истрелаа митралески оган кон областите долж границата, меѓу кои се и Хула, Маркаба и Кфар Кила.
Непосредно пред нападите, израелската војска објави дека извршила воздушни напади врз цели поврзани со Хезболах во јужен Либан, но не соопшти повеќе детали.
Во меѓувреме, официјалниот портпарол на Привремените сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ), Андреа Тененти, изрази длабока загриженост од потенцијална ескалација на насилството.
Тој ги повика сите страни да „избегнат загрозување на постигнатиот напредок, особено кога во опсаност се животите на цивилите и кревката стабилност забележана во последните месеци“, предупредувајќи дека „секоја понатамошна ескалација на оваа ситуација може да има сериозни последици за регионот“.
Тененти рече дека ситуацијата „останува крајно кревка“ и ги повика двете страни „да ги се држат до своите обврски“. Тој потврди дека „мировниците на УНИФИЛ остануваат на сите позиции“.
Оваа ескалација дојде откако израелската војска вети дека ќе одговори „остро“ на ракетниот напад од Либан кон северен Израел во текот на денешниот ден.
Претходно денес, израелската војска тврдеше дека пресретнала три ракети, за кои рече дека биле истрелани од Либан кон израелската населба Метула во северен Израел.
Истрелувањето ракети од Либан го означува првиот ваков инцидент откако стапи на сила прекинот на огнот меѓу Израел и Либан.
Кревок прекин на огнот беше во сила во Либан од ноември, со кој се стави крај на повеќемесечната прекугранична војна меѓу Израел и либанската група Хезболах, која ескалираше во целосен конфликт во септември.
Либанските власти јавија за речиси 1.100 израелски прекршувања на прекинот на огнот, во коишто животот го загубија најмалку 85 луѓе, а над 280 беа повредени.
Според договорот за прекин на огнот, Израел требаше целосно да се повлече од јужен Либан до 26 јануари, но рокот беше продолжен до 18 февруари, откако Израел одби да се придржува до него. Сè уште има воено присуство на пет гранични пунктови.