Seda Sevencan
29 Јануари 2026•Ажурирај: 30 Јануари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Над 300 новинари се притворени низ светот петта година по ред, а Израел е рангиран како трета земја со најмногу притворени медиумски работници, според годишната листа на Комитетот за заштита на новинарите (CPJ), јавува Анадолу.
„Петта година по ред, повеќе од 300 новинари се притворени низ светот заклучно со крајот на 2025 година. Овие рекордни бројки го одразуваат растечкиот авторитаризам и ескалацијата на вооружените конфликти во светот. Новинарите често се држат во сурови и опасни услови по живот – 'гробишта на живите', како што опиша еден ослободен палестински затвореник“, се вели во извештајот на CPJ за 2025 година.
Според податоците, Израел притворил 29 новинари до 1 декември, што претставува 9 отсто од вкупниот број притворени новинари во светот.
„Израел, единствената земја на листата на најлоши држави кои притвораат новинари, традиционално сметана за демократска, почна брзо да притвора палестински новинари по почетокот на војната меѓу Израел и Газа во октомври 2023 година.“
„Новинарите често се притворани врз основа на необјавени обвиненија или се држат без обвинение во произволен притвор, што претставува кршење на меѓународното право. Додека израелските граѓани уживаат некои граѓански права и слободи, правните експерти идентификуваат радикално поразличен стандард на правда за Палестинците на окупираната територија. Израел приведе повеќе од 90 новинари за време на војната“, се додава извештајот.
Кина трета година по ред се наоѓа на врвот на листата на најлоши земји во светот кои притвораат новинари, со 50 притворени новинари, што претставува 15 отсто од вкупниот број во светот. Мјанмар е на второ место со 30 притворени новинари.
Во извештајот на CPJ се открива дека 10-те најлоши земји сочинуваат речиси 75 отсто од вкупната бројка од 330 притворени новинари во светот. Азербејџан е во првите 10 за првпат по 2018 година со 24 притворени новинари, што е речиси двојно повеќе од претходната година.
Бројот на притворени медиумски работници во Русија, Мјанмар, Белорусија, Египет и Еритреја остана конзистентен со нивоата од претходните пет години.
„Иако во 2025 година е забележано благо намалување во однос на рекордните 384 притворени медиумски работници во 2024 година, бројките остануваат екстремно високи. Измина повеќе од една деценија откако последен пат бројот на притворени новинари бил помал од 200.“
Според цензусот, кој се спроведува секоја година во 00:01 часот на 1 декември, повеќе од една третина од затворениците издржуваат казни подолги од пет години. Речиси половина никогаш не биле осудени, а 26 отсто биле држени без судење пет или повеќе години.
CPJ соошти дека ваквите притворања го кршат меѓународното право, при што се потребни фер судења без непотребно одложување.
„Глобалното влошување на демократијата и намалената заштита на човековите права го отворија патот и за новите и за старите авторитарни лидери да ја потиснат слободата на печатот во последниве години“, се нагласува во извештајот.