19 Октомври 2022•Ажурирај: 20 Октомври 2022
КУДС (АА) - Израелскиот министер за одбрана, Бени Ганц, негира дека ѝ се продавало оружје на Украина по руската инвазија врз оваа европска земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ние не продаваме оружје на Украина“, рече Ганц во интервју за еврејското ултраортодоксно радио „Кол Чаи“.
Ганц истакна дека Тел Авив и претходно не ѝ продавал оружје на Украина.
Во понеделникот, министерот за дијаспора, Нахман Шаи, ја повика израелската Влада да испрати оружје во Украина како одговор на извештаите за испраќање ирански ракети во Русија.
Коментирајќи ги изјавите на Шаи, Ганц рече: „Тој греши, јас сум министер за одбрана кој е одговорен за извоз на израелското оружје.“
Како одговор на коментарите на Шаи, поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев упати предупредување до Израел да не испорачува оружје на Украина.
„Изгледа Израел ќе му доставува оружје на режимот во Киев. Многу избрзан чекор. Тоа ќе ги уништи сите меѓудржавни односи меѓу нашите земји“, истакна Медведев.