Hamdi Yıldız
01 Јуни 2020•Ажурирај: 01 Јуни 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел е одлучен да уништи 200 бизниси на Палестинци во окупираниот Ерусалим до крајот на годината, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Арапската комора за индустрија и трговија во Ерусалим, Кемал Убејдат, во изјавата за палестинската официјална новинска агенција ВАФА (WAFA) истакна дека Општината Ерусалим, со одобрување на Комитетот за планирање на израелската Влада, планира до крајот на годината да урне околу 200 објекти во кои работат Палестинци, во индустриската област Вади ел-Џевз.
Истакнувајќи дека објектите што треба да се урнат се автомеханичарски работилници, трговски продавници и ресторани, Убејдат нагласи дека подрачјето е најпрометното место во Ерусалим.
„Целта на оваа одлука е да се преземе единствената палестинска индустриска зона во окупираниот град во рамките на напорите за јудаизација со промена на идентитетот и карактерот на градот Ерусалим“, нагласи Убејдат.
Абдулатиф ал Кану во име на Движењето „Хамас“ преку соопштение истакна дека одлуката донесена во рамките на кампањата за истребување на Палестинците од градот Ерусалим е ционистичка ароганција.
Израелската администрација запленува земјиште и згради во сопственост на Палестинците со нелегитимни методи, тврдејќи дека тие се државен имот.
Според информациите дадени од израелската организација за човекови права „Бтселем“, израелската администрација урнала 1007 бизниси во Ерусалим од 2004 година, под обвинение дека „тие места не се лиценцирани или се во сопственост на израелската држава“.