ВАШИНГТОН (АА) - И покрај полицискиот час воведен во поголемите градови во Соединетите Американски Држави (САД), демонстрантите шести ден излегоа на улиците на протест поради убиството на Џорџ Флојд, невооружен Афроамериканец кој при приведување беше задушен од полицаец белец во Минеаполис, во сојузната американска држава Минесота, јавува Агенција Анадолија (АА).
Флојд (46) почина откако полицаецот Дерек Шоувин го држел кленото на неговиот врат скоро девет минути. Последните зборови на Флојд биле „Не можам да дишам“, што стана слоган на протестите кои се проширија низ целата земја.
Демонстрантите во градот бараа апсење на тројцата други полицајци кои се вмешани во неговата смрт.
Полицијата во Минеаполис соопшти дека група демонстранти, кои го прекршиле продолжениот ноќен полициски час, се уапсени.
Убиството на Флојд поттикна десетици илјади луѓе да излезат на улиците од Сиетл до Њујорк. Во неколку градови беше активирана и Националната гарда поради насилните протести.
Во главниот град на САД, Вашингтон, паркот „Лафајет“ наспроти Белата куќа стана центар на вчерашните протести, за време на кои полицијата се судри со демонстрантите, при што беа предизвикани и пожари, а беа пробиени и безбедносните барикади.
Демонстрантите, меѓу кои и белци, Афроамериканци, Латиноамериканци и муслимани, извикуваа: „Не можам да дишам“, „Рацете горе, не пукајте!“, „Без правда, нема мир“ и „Животот на Афроамериканецот значи“.
Според повеќе јавувања, претседателот Доналд Трамп бил однесен во бункерот во Белата куќа откако демонстрантите ја пробиле безбедносната барикада. „Си-ен-ен“ (CNN) соопшти дека претседателот се засолнил таму околу еден час.
Во делови на земјата се одржаа и мирни протести.
Стотици лица маршираа мирно низ центарот на градот и паркот „Клајд Ворен“ во Далас, Тексас, а улиците беа расчистени пред почетокот на полицискиот час во 19 часот.
Но, во Лансинг, Мичиген, демонстрантите, кои се собраа мирно, се судрија со полицијата, а беше запален и еден автомобил.
Во Сан Диего, Калифорнија, група демонстранти фрлаа со камења кон полицијата, која за возврат употреби солзавец за да ги растера демонстрантите. Грабежи се случија во многу градови, меѓу кои и во Санта Моника и Сан Хозе.
Во врска со настаните, поранешниот НБА-кошаркар Мајкл Џордан изјави дека длабоко жали и е лут поради смртта на Флојд.
„Доволно беше. Секој од нас треба да биде дел од едно решение и мора да работиме заедно за да обезбедиме правда за сите“, вели Џордан во изјавата објавена на социјалните медиуми.
Вчера братот на Флојд, Филонис, за „Си-ен-ен“ изјави дека демонстрантите сакаат правда веднаш и апелираше на мирни протести.
„Афроамериканци се убиваат веќе долго време... луѓето во моментот се многу уморни. Афроамериканците сакаат да се борат за правда“, рече тој.
Смртта на Флојд се споредува со смртта на Ерик Гарнер, кој почина за време на неговото приведување во 2014 година во Њујорк, исто така постојано велејќи им на полицајците „Не можам да дишам“.
Фразата стана слоган на демонстрантите кои демонстрираа против убиствата на невооружени Афроамериканци мажи и жени од страна на полицијата. Слоганот продолжува да се користи повторно скоро шест години подоцна.
news_share_descriptionsubscription_contact
