Mustafa Deveci
20 Мај 2021•Ажурирај: 21 Мај 2021
АНКАРА
Израел се договори за прекин на огнот со палестинските групи на отпорот во Газа, потврдија израелските медиуми и претставниците на Хамас, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според Хамас и израелските извори, прекинот на огнот постигнат со посредство на Египет ќе стапи на сила од два сати наутро во петок.
„Израел не успеа да постигне ниту еден од целите на својата агресија и се повлече од битката со палестинските групи на отпорот", рече гласноговорникот на движењето Хамас, Сами Абу Зухри за АА во првата официјална реакција на веста за прекинот на огнот.
Повеќе од десет дена Израел изведуваше жестоки напади на Појасот Газа под опсада.
Во израелските напади на Газа од 10 загинаа 232 Палестинци, вклучувајќи 65 деца и 39 жени. Во тие напади се ранети најмалку 1.710 деца, а цел на нападите беа здравствените установи, медиумските центри и станбени згради. Поради нападите принудно се раселени најмалку 75.000 луѓе.
Тензиите на Блискиот исток избија во текот на Рамазан откако израелските сили изведоа напади на верниците во Ал Акса. Дополнителна ескалација на тензиите предизвика и одлуката на израелските власти за деложации на палестинските семејства од населбата Шеик Џарах.