Ahmed Asmar
04 Декември 2024•Ажурирај: 04 Декември 2024
ГАЗА (АА) - Дваесет и две лица, меѓу кои и четири деца, се убиени во новите израелски воздушни напади во Појасот Газа денес, вели медицински извор, јавува Анадолу.
Очевидци рекоа дека беспилотно летало нападнало група цивили во блокот Ц во бегалскиот камп Нусејрат во центарот на Газа.
„Во нападот животот го загубија пет лица, меѓу кои и четири деца“, изјави медицинскиот извор.
„Израелските борбени авиони, исто така, погодија дом во северниот град Беит Лахија, при што се убиени пет лица“, додаде изворот.
Друг медицински извор изјави дека две лица се убиени во друг израелски напад во населбата Ал-Зухур во јужниот град Рафа.
„Телата на 10 Палестинци, исто така, беа извлечени по израелскиот воздушен напад вчера во близина на болницата Абу Јусеф ел-Наџар во источниот дел на Рафа“, додаде изворот.
Израел започна геноцидна војна во Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас во октомври минатата година, убивајќи повеќе од 44.500 лица, повеќето од нив жени и деца, и повредувајќи речиси 106.000 лица.
Во втората година од геноцидот во Газа, Израел се соочува со зголемена меѓународна осуда, а официјални лица и институции ги означуваат нападите и блокирањето на испораката на помош како намерен обид за уништување на населението.
На 21 ноември, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за приведување на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во Газа.