Ahmed Asmar
09 Октомври 2024•Ажурирај: 10 Октомври 2024
РАМАЛА (АА) - Израелската армија синоќа уби Палестинец откако го опколи неговиот дом на северниот дел на окупираниот Западен Брег, пренесува Анадолу.
Палестинската новинска агенција Вафа го идентификуваше Палестинецот како Абдел-Рауф Ал-Масри (37), кој е убиен од израелските сили во неговиот дом во градот Акаба, северно од градот Тубас.
Очевидци за Анадолу изјавија дека израелската армија истрелала противтенковска граната „Енерга“ врз опколениот дом во Акаба, што довело до смрт на Палестинецот.
По израелскиот упад во градот, избувнаа вооружени судири меѓу израелските сили и Палестинците при што експлозивна направа е активирана врз израелско воено возило.
Во текот на изминатите неколку години, израелската војска спроведува редовни рации на Западниот Брег, кои ескалираа со почетокот на војната во Газа на 7 октомври 2023 година. Палестинците, исто така, се насилно напаѓани и од илегалните еврејски доселеници.
Најмалку 745 Палестинци оттогаш се убиени, а над 6.200 се повредени од оган на израелската армија на окупираната територија, покажуваат податоците на Министерството за здравство.
На 19 јули, Меѓународниот суд на правдата ја прогласи повеќедецениската окупација на Палестина од страна на Израел за нелегална и побара евакуација на сите постоечки населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим (Источен Кудс).